Согласно Законот за дополнување на Законот за даночна постапка објавен во “Службен весник на РСМ” бр. 290/20 кој влезе во сила од 7 декември 2020 година, износот на помалку или повеќе платениот данок и споредните даночни давачки освен каматата се пресметува и наплатува камата во висина од 0,015% (намалена од 0,03%), за секој ден задоцнување до 31 март 2021 година.
ОБРАЗЕЦОТ ДЛД-ОМА/1 ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПЛАЌАЊЕ НА МЕСЕЧНИТЕ АКОНТАЦИИ НА ДЛД Е ПОСТАВЕН ВО Е-ПДД И РОКОТ ЗА НЕГОВО ПОДНЕСУВАЊЕ Е ПРОДОЛЖЕН ЗАКЛУЧНО СО 14 ДЕКЕМВРИ 2020 ГОДИНА
Известување од Управата за јавни приходи:
ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПЛАЌАЊЕ НА МЕСЕЧНИТЕ АКОНТАЦИИ НА ДЛД ОСТВАРЕН ОД ВРШЕЊЕ НА САМОСТОЈНА ДЕЈНОСТ
Пристапот до Барањето за потполнување и поднесување можете да го пронајдете во главното мени во Доход од вршење самостојна дејност/ДЛД-ОМА/1*
Управата за јавни приходи ги известува даночните обврзници кои остваруваат доход од вршење на самостојна дејност, дека на системот ,,е- Персонален данок,, е поставено Барањето за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход.
Користењето на правото се однесува на даночните обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејнoст, а кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за спречување на внесување и ширење на COVID-19 на Владата на Република Северна Македонија доколку ги исполнуваат следните услови
- даночниот обврзник – работодавач да не го намали бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето од плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход остварен од вршење на самостојна дејност во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември 2020 година, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените;
- вкупните приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30% во периодот април – септември 2020 година во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година, и/или даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).
За остварување на правото, даночните обврзници поднесуваат Барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход остварен од вршење на самостојна дејност(образецот ДЛД-ОМА/1) до Управата за јавни приходи, најдоцна до 5-ти наредниот месец за месецот за кој што обврзникот бара ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на личен доход остварен од вршење на самостојна дејност за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година.
Поднесувањето на барањето се врши преку системот е-Персонален данок https://e-pdd.ujp.gov.mk, а комплетното барање го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 10 дена од денот на доставувањето на барањето. Поднесувањето на барањето за месец ноември ќе биде дозволено заклучно со 14.12.2020 година.
Линк од известувањето: http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/830 .
ПОСТАВЕН Е ОБРАЗЕЦОТ ДД-ОМА/1 ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ПЛАЌАЊЕ НА АКОНТАЦИИ ЗА ДАНОК НА ДОБИВКА И ПРОЛОНГИРАН Е РОКОТ ЗА НЕГОВО ПОДНЕСУВАЊЕ ДО 14 ДЕКЕМВРИ
Управата за јавни приходи известува дека на Е-ДАНОЦИ е поставен образецот ДД-ОМА/1. Согласно измените во Законот за данок на добивка објавен во Службен Весник на РСМ, бр. 290 од 07.12.2020 година обврзниците на данокот на добивка кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на корона-вирусот COVID-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година.
Користењето на ова право се однесува на даночните обврзници кои ги исполнуваат следниве услови:
- даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето од плаќање на аконтациите во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември 2020 година, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените,
- вкупните приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30% во периодот април – септември 2020 година во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година или – даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).
За остварување на ова право даночните обврзници поднесуваат барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на добивка образец ДД-ОМА/1 до Управата за јавни приходи најдоцна до петти наредниот месец за месецот за којшто обврзникот бара ослободување од плаќање на аконтации на данокот на добивка за временскиот период за кој побаруваат ослободување. Со цел да овозможи даночните обврзници да поднесат барања за ослободување од плаќање на месечни аконтации и за месец ноември 2020 година, рокот за поднесување на образецот ДД-ОМА/1 се продолжува до 14 декември 2020.
Поднесувањето на барањето образец ДД-ОМА/1 се врши преку системот „е-Даноци“ на Управата за јавни приходи, а Управата за јавни приходи ја потврдува комплетноста во рок од десет дена од денот на доставување на барањето.
Даночниот обврзник кој го искористил правото на ослободување од плаќање на аконтации за данок на добивка а не ги исполнил условите за тоа согласно Законот за данок на добивка, има обврска да ги плати месечните аконтации на данокот на добивка што не ги платил, и камата согласно со Законот за даночна постапка.
Линк до соопштението http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/829.
ОБЈАВЕНИ ЗАКОНИ ОД ОБЛАСТА НА ДАНОЦИТЕ
Во “Службен весник на РСМ” бр. 290/20 објавени се:
- Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка,
- Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход и
- Закон за дополнување на Законот за даночна постапка.
Законите влегоа во сила од 7 декември 2020 година, а некои одредби ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2021 година.
ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА НА ГРАЃАНИ ОД РАЗЛИЧНИ КАТЕГОРИИ Е ОБЈАВЕН ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК
Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници е ОБЈАВЕН во “Службен весник на РСМ” бр. 290/20 и влезе во сила од 7 декември 2020 година.
СОГЛАСНО ЗАКОНОТ ВО РОК ОД 8 ДЕНА, ОДНОСНО ДО 15 ДЕКЕМВРИ 2020 ГОДИНА, ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТРИЈАТ НА ВЛАДАТА РСМ НА СТРАНИЦАТА WWW.KUPUVAMDOMASNO.GOV.MK, ЈА ОБЈАВУВА КОНЕЧНАТА ЛИСТА НА КОРИСНИЦИ НА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА. Дали сте корисници ќе може да проверите со впишување на Вашиот ЕМБГ.
Во Законот е пропишано дека подзаконски акти треба да се донесат во рок од пет дена од влегување во сила на Законот.
За повеќе информации проверете ги Вашите претплатнички електронски адреси.
ПРОЦЕНТОТ НА КУМУЛАТИВНИОТ ПОРАСТ НА ЦЕНИТЕ НА МАЛО ЗА МЕСЕЦ НОЕМВРИ 2020 ГОДИНА Е ПОЗИТИВЕН
ТРЕТА БЕСКАМАТНА КРЕДИТНА ЛИНИЈА СО ГРАНТ КОМПОНЕНТА ЗА МИКРО И МАЛИ ПРЕТПРИЈАТИЈА- “КОВИД 3”
Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје, денес, 7 декември 2020 година, го објави следниот:
ЈАВЕН ПОВИК бр.1
ФОНД ЗА МИКРО И МАЛИ ПРЕТПРИЈАТИЈА
за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на
микро и мали претпријатија погодени од Ковид-19
(Ковид-3)
Кредитните барања за јавниот повик се доставуваат 15 дена, со почеток од 16 декември 2020 година од 00:01 часот до 30 декември 2020 година во 23:59 часот.
Повикот може да го погледнете на следниот линк https://mbdp.com.mk/mk/vesti/687-1-7 .
ОНЛАЈН СОВЕТУВАЊЕ НА 22 ДЕКЕМВРИ (ВТОРНИК) 2020 ГОДИНА
Почитувани,
Ве покануваме на онлајн советување кое ќе се одржи на 22 декември (вторник) 2020 година преку ZOOM платформата.
Темите на предавањето ќе опфатат актуелни предлог измени и дополнувања на Закони од областа на даноците кои се очекува да се објават до крајот на годината, извршување на попис кај трговските друштва и трговците поединци, услови и начин на враќање/невраќање на финансиската поддршка која работодавачите ја добиле во 2020 година…
Комплетната програма и агенда за советувањето ќе ги објавиме дополнително.
Надоместот за советувањето изнесува 2.360 денари (со вклучен ДДВ 18%).
Доколку сакате да присуствувате, Ве молиме да се пријавите на следниот линк https://docs.google.com/forms/d/15g2Uk_c1Cwtgj3ku6X873LX7kj2qbJnYj4Hg2gpTcz4/edit .
НЕРАБОТЕН ДЕН – 8 декември 2020 “Св. Климент Охридски”
Согласно Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ„ бр.21/98 и 18/07), 8 декември 2020 година (вторник), ‘’Св. Климент Охридски”, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
ПРЕДЛОГ ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДАНОКОТ НА ЛИЧЕН ДОХОД
Во собраниска процедура се наоѓа Предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за данокот на личен доход.
Предлог Законот ги содржи следните решенија:
1. Ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на личен доход за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година за обврзниците на данокот на личен доход по основ на остварен доход од самостојна дејност и кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на коронавирусот COVID-19.
2. Неоданочување на уплатенaта премиja за доброволно здравствено осигурување (дополнително и приватно здравствено осигурување) на вработените до одреден лимит.
3. Неоданочување на платените тестови за COVID-19 за вработени лица во износ до 9.000 денари на годишно ниво по вработен.
4. Неоданочување на трошоците за доквалификација и обуки на вработените.
5. Неоданочување на даден репроматеријал без надоместок (семенски материјал и производи за заштита на растенија во расадопроизводство) согласно Закон.
6. Неоданочување на ваучер на активен спортист издаден од Агенцијата за млади и спорт, согласно со Законот за спортот.
и
7. Доуредување на одредбите за вршителите на самостојна дејност (за амортизација, на начинот на пресметка и плаќање на аконтациите на данокот на доход од самостојна дејност…)