computer-3109537_960_720

Владата ја усвои Информацијата за исплата на плати во јавниот сектор (Предлог Законот за изменување на Законот за административни службеници сè уште е во собраниска процедура)

Владата на Република Северна Македонија на вчерашната 35-та седница одржана онлајн, преку видео конференциска врска, ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на плати во јавниот сектор.

Согласно оваа Информација, Владата ги задолжи сите органи на државната управа и донесе заклучок да им се укаже на сите институции кои не се органи на државната управа, да постапат согласно постоечките законски решенија за пресметка на плата и да ја исплатат во законски утврдениот рок.

Во образложението во врска со ова прашање се истакнува дека според Законот за минимална плата, право на минимална плата имаат сите работници, во висина утврдена согласно со овој Закон, а законската рамка за усогласување на минималната плата со платата на вработените во државната управа е утврдена во текстот на Предлог-Законот за изменување на Законот за административни службеници, кој се очекува да биде донесен од страна на Собранието на Република Северна Македонија во текот на месец април.

Во Законот е содржана преодна одредба според која одредбите кои се однесуваат на промената на системот на плати за сите административни службеници ќе отпочнат да се применуваат со исплатата на мартовската плата во месец април 2022 година. По влегувањето во сила на Законот ќе се изврши корекција на платите, односно правото за усогласување со Законот за минимална плата ќе се оствари и за платата за месец март.

ВИДИ СООПШТЕНИЕ