information-1015297_960_720

ЈАВЕН ПОВИК бр.1, Трговски радиодифузни друштва

Врз основа на Законот за Развојна банка на Северна Македонија (Сл.Весник на Република Македонија бр.105/2009 и Службен весник на Република Северна Македонија бр.77/21), Анекс кон Договорот за администрирање на Посебен кредитен фонд за директно кредитирање на трговски радиодифузни друштва бр.26-6660/1 од 17.06.2021 година и бр.13-5761/1 од 22.06.2021 година, Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје, објавува:

 

ЈАВЕН ПОВИК бр.1
КРЕДИТНА ЛИНИЈА ЗА ПОДДРШКА НА ТРГОВСКИ РАДИОДИФУЗНИ ДРУШТВА
за поднесување на кредитно барање за директно кредитирање на
деловни субјекти од областа на емитување на радио и телевизиски програми

 

I. ПРЕДМЕТ НА ЈАВНИОТ ПОВИК
Предмет на овој јавен повик е поднесување на кредитно барање од Кредитната линија за поддршка на трговски радиодифузни друштва за директна поддршка на деловни субјекти од областа на емитување на радио и телевизиски програми.
Кредитната линија за поддршка на трговски радиодифузни друштва ќе се реализира со средства од Посебен кредитен фонд – ПКФ во износ од 61.000.000,00 денари.

II. УСЛОВИ ЗА ОДОБРУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА
Средствата од Кредитната линија за поддршка на трговски радиодифузни друштва ќе се доделуваат под следните услови:

Намена на кредитот:
За тековни средства и ликвидност

Максимални износи на кредитот:
Субјекти со приоритетна шифра на дејност 60.20:
– Национални медиуми, до 7.380.000 денари
– Регионални медиуми, до 1.230.000 денари
– Локални медиуми до 615.000 денари

Субјекти со приоритетна шифра на дејност 60.10:
-Национални, регионални и локални радио медиуми до 615.000 денари

За субјектите со приоритетна шифра на дејност 60.20, поделбата на национален, регионален и локален медиум е согласно објавениот регистар на ТВ од Агенцијата за аудио и аудовизуелни услуги, јавно достапен пред распишување на Јавниот повик за кредитната линија.

Начин на пласирање:
Одобрениот кредит се исплаќа директно на кредитокорисникот согласно инструкциите наведени во Барањето за кредит.

Рокови на отплата:
Кредитите од Кредитната линија за поддршка на трговски радиодифузни друштва ќе се одобруваат со рок на отплата до 48 месеци со вклучен грејс период до 12 месеци. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални периоди на отплата.

Критериуми за одобрување:
Квалификувани кредитобаратели се:
Трговски радиодифузни друштва (со приоритетна дејност согласно тековната состојба) и тоа:
60.10 – Емитување на радиопрограма и
60.20 – Дејности на телевизиската програма и емитување

Кредитобарателите треба да ги исполнат следните критериуми:

  • Регистрирани се во Република Северна Македонија,
  • Се најмалку 51% во приватна сопственост,
  • Немаат неплатени даноци и придонеси со состојба 31.03.2021 или понова, освен ако на истите им е одобрено одложено плаќање на даноците и придонесите во согласност со посебните прописи и истите редовно ги плаќаат,
  • Не се во постапка на стечај или ликвидација,
  • Работат подолго од 6 месеци и имаат поднесено годишна сметка во централен регистар,
  • Имаат запишано вистински сопственици во Регистарот за вистински сопственици при Ценралниот регистар на РСМ доколку е обврзник,
  • Согласно финансиските извештаи за последната фискална година имаат главнина и резерви (наведено во билансот на состојба во ставка АОП 65), не помалку од 50% од износот на бараниот кредит,
  • Бележат пад на приходите од најмалку 10% во 2020 година во однос на 2019 година (наведено во билансите на успех во ставка АОП 201) или оствариле негативен финансиски резултат за 2020 година,
  • Согласно податоците од кредитен регистар на НБРСМ со состојба од 31.01.2020 година се во класификација подобра или еднаква на Б (се врши пресметка на просечна ризичност) или кои немаат кредитна изложеност. Исклучок е доколку вкупната кредитна изложеност на банките кон одреден клиент е помала од 10.000 денари,
  • Показателот за степенот на финансиска задолженост на компанијата треба да е помал од 4, а се пресметува како сооднос помеѓу вкупни обврски по заеми и кредити во однос на главнината и резервите, односот помеѓу ставките од билансот на состојба се утврдува од следните ставки:
    (АОП90 + АОП104) / АОП65. Показателот се пресметува на база на биланс на состојба од последната фискална година.

Каматна стапка за кредитокорисниците
Каматната стапка за кредитокорисниците се утврдува фиксно на износ од 0% на годишно ниво.
РБСМ нема да наплаќа провизија од кредитокорисникот за обработка на кредитните барања.

Обезбедување
Заемот се обезбедува со меница од кредитокорисникот авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, со менична изјава за уредување на правата и обврските по меницата во форма на нотарски акт со извршна клаузула.
Трошоците за воспоставување на обезбедувањето се на товар на кредитокорисникот.

Останато
РБСМ во име и за сметка на Владата на Република Северна Македонија. по одобрување на кредитното барање, ќе склучи договор за кредит со кредитокорисникот.

III. СУБЈЕКТИ КОИ ИМААТ ПРАВО НА ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ
Право на поднесување на кредитно барање имаат трговски радиодифузни друштва со приоритетна дејност 60.10 и 60.20, кои се регистрирани во Република Северна Македонија согласно позитивните прописи и се со основна главнина во приватна сопственост на правни и физички лица од најмалку 51%.


IV. ЗАДОЛЖИТЕЛНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Документ без кој нема да се обработува барањето за кредит е Кредитно барање од кредитобарателот, кој е образец објавен на веб страницата на банката и кое ги содржи основните информации на кредитобарателот, износот на кредит кој го бара, инструкции за плаќање и други информации. Апликацијата за кредит се смета поднесена до Развојна банка на Северна Македонија на датумот, часот и минутите во кои формуларот Кредитно барање пристигнал на е-маил адресата за Јавниот повик.

Задолжителна документација која кредитобарателот е должен да ја достави на јавниот повик е следната:

  1. Кредитно барање (формулар објавен на веб страницата на банката без кој другите доставени документи нема да се процесираат),
  2. Апликација за регистрација на клиент-правно лице (образец објавен на веб страницата на банката),
  3. Изјава за поврзаност со други правни/физички лица (образец објавен на веб страницата на банката),
  4. Изјава за постоење својство на носител на јавна функција (образец објавен на веб страницата на банката),
  5. Изјава за проверка на кредитна изложеност (образец објавен на веб страницата на банката),
  6. ЗП образец (образец за заверен потпис),
  7. Уверение за платени даноци и придонеси од УЈП заклучно со 31.03.2021 година.

Документација која кредитобарателот треба да ја достави или која доколку не биде доставена од кредитобарателот банката ќе ја обезбеди по службена должност:

       8. Тековна состојба не постара од 6 месеци (од Централен регистар на РСМ),
       9. Тековна состојба за вистински сопственик (од Централен регистар на РСМ),
     10. Годишна завршна сметка (со 31.12.2020 г. и со 31.12.2019 г.) (од Централен регистар на РСМ),
     11. Потврда за стечај и Потврда за ликвидација – Доказ дека не е отворена стечајна, односно ликвидациона постапка – (од Централен регистар на РСМ).

V. КРИТЕРИУМИ ЗА ОДЛУЧУВАЊЕ ЗА РАСПРЕДЕЛБА НА СРЕДСТВАТА
Квалификуван кредитокорисник кој ги исполнува критериумите за одобрување на кредит по принципот ,,ПРВ ДОЈДЕН, ПРВ УСЛУЖЕН”.
Кредитните барања се обработуваат хронолошки како што се пристигнати на е-маил covidmediumi@mbdp.com.mk.

 

VI. ИЗГОТВУВАЊЕ И ПОДНЕСУВАЊЕ НА КРЕДИТНО БАРАЊЕ
Кредитното барање со комплетната документација се доставува исклучиво по електронски пат, на следната е-маил адреса: covidmediumi@mbdp.com.mk.

Доставените кредитни барања се распределуваат автоматизирано, поради што е неопходно да се почитуваат следните правила при аплицирање:

  • Во предметот (Subject) на е-маилот со кој се доставува кредитното барање да биде наведен назив на компанијата град и правната форма на латиница, на пример: Vardar Berovo DOOEL
  • Доколку кредитното барање се доставува во две или повеќе пораки, насловот (Subject) на пораките треба да е ист како во првата порака без дополнителни знаци и додатоци како на пример: 1, 2, vtor del, covid4, kovid, итн.
  • Прилозите не треба да надминуваат големина од 8MB и треба да бидат доставени во прилог како .pdf, .zip или .rar формат.

Кредитното барање е задолжителен документ и доставената друга документација нема да биде разгледана додека не се достави Кредитно барање. Кредитното барање мора да биде целосно пополнето.
Кредитното барање и пропратните документи чии обрасци се пропишани од банката, се препорачува да бидат пополнети електронски, на компјутер, или доколку тоа не е возможно да бидат пополнети читко со печатни букви.
Кредитните барања можат да бидат потпишани рачно или со дигитален сертификат.
Кредитобарателот може да поднесе само едно кредитно барање.

VII. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Кредитните барања за јавниот повик се доставуваат 30 денасо почеток од 08 јули 2021 година од 09:00 часот и завршува на 06 август 2021 година во 23:59 часот.

Обработката на пристигнатите кредитни барања ќе отпочне по затварање на јавниот повик.
Документите кои се доставуваат на јавниот повик се неповратни.
Неадекватните кредитни барања на неквалификувани кредитокорисници нема да се разгледуваат.
Некомплетните барања за кредит нема да се разгледуваат сè додека не се дополнат.
Пристигнатите документи без Кредитно барање (образец на веб страната на банката) нема да се обработуваат сè додека не се поднесе Кредитното барање.
Банката не сноси никакви трошоци настанати со подготовка, составување и доставување на барањата за кредит, така што учесникот на јавниот повик нема право на надомест на било какви трошоци по основ на учество на овој јавен повик.

Банката ќе ги извести барателите на кредит на коишто им е одобрен кредит врз основа на доставено Кредитно барање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката ќе ги известува кредитобарателите чии кредитни барања се одбиени, со причина за одбивање, на електронската адреса наведена во Тековната состојба на субјектот.
Банката нема да ги известува индивидуално кредитобарателите чии кредитни барања се пристигнати по исцрпување на средствата.
За исцрпување на средствата по објавениот Јавен повик, Банката ќе објави на својата веб страница.

Сите информации и обрасци поврзани со јавниот повик, може да се најдат на веб страната на банката www.mbdp.com.mk.

 

Линк од повикот: https://www.mbdp.com.mk/mk/vesti/803-1-10