Министерот за економија вчера, 16.08.2022 година, на прес-конференција соопшти дека се донесени препораки и задолженија за заштеда на електрична и топлинска енергија за домаќинствата, бизнис секторот и јавните институции и раководителите на јавните институции и државните претпријатија.
Во продожение се задолженијата за јавниот сектор, а на линкот на крајот од текстот може да ги видите и препораките за домаќинствата и бизнис секторот.
Задолженија за јавните институции (министерства, агенции, органи на државна управа) и државни претпријатија
- Задолженија за раководните лица во јавните институции и државните претпријатија
Заради настанатите состојби поврзани со енормниот пораст на цената на електричната енергија на регионалните пазари и недостатокот на сопствено производство на електрична енергија потребно е во периодот од 1 септември 2022 година до 31 март 2023 година, сите раководни лица на јавните институции на централно ниво да преземат соодветни мерки за да се намали потрошувачката на електрична и топлинска енергија за 15% споредено со истиот период од 2021/2022 година.
За да може да се спроведе штедењето потребно е сите раководни лица во јавните институции да ги преземат сите неопходни мерки за организирање на процесот на работа во соодветни услови со примена на задолжителните мерки и тоа:
– Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици.
– Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина.
– Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.
– Јавните институции, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо.
– Јавните институции целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период после работно време.
– Да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици.
– Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима уредите во работните простории.
– Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот.
– Да се инсталираат интелигентни системи за управување со потрошувачката на енергија.
– Доколку има финансиски средства на располагање да се размисли да се инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност во смисла промена на енергетски ефикасни прозори, подобрување на изолацијата, подобрување на енергетската ефикасност на системите за греење и ладење, инвестирање во фотоволтаични системи.
– Се задолжуваат сите институции на централно ниво од редот на своите вработени да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, согласно наведените препораки, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено после завршување на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15 % споредено со истиот месец од минатата година.
– Се задолжуваат јавните институции, Министерствата, Агенциите,државните претпријатија и сите други органи на државна управа на централно ниво, кои повеќе од 90 дена се снабдуваат со електрична енергија од снабдувачот со електрична енергија во краен случај, во најкус можен рок да извршат избор на снабдувач со електрична енергија на отворениот пазар.
- Однесување на вработените во јавните институции и државните претпријатија
– Користење на скали наместо лифт, доколку е соодветно, за да се намали потрошувачката на енергија,
– Кратко и интензивно проветрување на просториите – во зима проветрување пред да се напушти канцеларијата, а во лето рано наутро кога воздухот надвор е свеж.
– Исклучување на светилките кога се напушта просторијата или може да се користи дневна светлина.
– Печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што е неопходно.
– Да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата.
Препораки за општините и градот Скопје
- Препораки за раководните лица во општините и градот Скопје и јавните претпријатија на општинско ниво
– Да се исклучи декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни споменици.
– Да не се користи осветлување во внатрешните простории и канцелариите во јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина.
– Во јавните објекти, во сезона на ладење температурата на климатизерите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени.
– Општините и градот Скопје, во рамките на буџетите, да инсталираат колекторски системи за загревање на вода, доколку тоа е разумно и исплатливо.
– Општините и градот Скопје целосно да го исклучат осветлувањето во излозите во период после работно време.
– Да се заменат старите сијалици со вжарено влакно со компактни флуоресцентни сијалици.
– Редовно да се менуваат филтрите на грејните тела, односно клима уредите во работните простории.
– Да се заменат старите прозорци во работните простории со нови ПВЦ прозорци за да се намали провевот.
– Да се инсталираат интелигентни системи за управување со потрошувачката на енергија.
– Доколку има финансиски средства на располагање да се размисли да се инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност во смисла промена на енергетски ефикасни прозори, подобрување на изолацијата, подобрување на енергетската ефикасност на системите за греење и ладење, инвестирање во фотоволтаични системи.
– Од редот на своите вработени да определат лица кои ќе се грижат за намалување на потрошувачката на енергија, согласно наведените препораки, применувајќи чести контроли во текот на работното време, а особено после завршување на работното време, со цел намалување на потрошувачката за 15 % споредено со истиот месец од минатата година.
- Препораки за однесување на вработените во општините и градот Скопје и јавните претпријатија на општинско ниво
– Користење на скали наместо лифт, доколку е соодветно, за да се намали потрошувачката на енергија.
– Кратко и интензивно проветрување на просториите – во зима проветрување пред да се напушти канцеларијата, а во лето рано наутро кога воздухот надвор е свеж.
– Исклучување на светилките кога се напушта просторијата или може да се користи дневна светлина.
– Печатење само на оние документи кои се потребни и онолку копии колку што е неопходно.
– Да се исклучуваат сите компјутери по завршувањето на работата.
- Препораки за јавното осветлување во општините и градот Скопје
Општините и градот Скопје да направат распоред, така што на половина од улиците и булеварите го исклучуваат јавното осветлување, наизменично, преку еден ден.
Препорака за ЈП Патишта
Се препорачува на ЈП Патишта веднаш да отпочне со намалување на осветлувањето поставено на државните патишта до минимален сигурносен обем на осветлување на улици, плоштади и други објекти во земјава која ги опфаќа државните патишта.