news-1028791_960_720

НЕКОИ ЗАКЛУЧОЦИ ОД 77-ТА СЕДНИЦА НА ВЛАДАТА ОДРЖАНА НА 8 ЈУНИ 2021 ГОДИНА

 

1. Владата на Република Северна Македонија на 77-та седница ги донесе измените и дополнувањата, односно ребалансот на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, кои, заедно со дополнувањата на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година, ќе бидат доставени на усвојување до Собранието.

Според презентацијата на Министерството за финансии, со овој ребаланс приоритетите до крајот на 2021 година ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и со поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.

2. На оваа своја седница Владата ги утврди и измените и дополнувањата на Законот за работни односи со кои се креирани законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела и се елиминираат можните злоупотреби во однос на обезбедување на користењето на ова право.

3. Во насока на предложените законски решенија за прогласување на неделата како неработен ден, на седницата се усвоени и измените и дополнувањата на Законот за трговија со цел да се уреди работното време во трговијата во недела и на празници, како и да ги утврди исклучоците во трговијата на мало за кои ќе биде дозволено работа во ден недела и на празници.

4. На 77-та седница Владата донесе одлука со која е овозможена поддршка за вкупно 2.204 компании од угостителската дејност, коишто беа затворени во периодот од 6-ти до 27-ми април, или вкупно 21 ден, за време на забраната за работа како мерка за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Компаниите од угостителската дејност со приоритетни шифри на дејност според Националната класификација на дејности, 56.10, 56.29, 56.30, имаа можност да се пријават на отворениот повик за финансиска поддршка, при што од вкупно 2.406 пристигнати апликации, 2.204 се целосни, додека 202 апликанти, не се со соодветна шифра на дејност, или имаа регистрирано подружници под една од споменатите шифри.
Вкупната финансиска поддршка за сите 2.204 компании кои ги исполниле условите на јавниот повик е во износ од 354.656.831 денари или 5,77 милиони евра.

5. На оваа седница се утврдени измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестиции со кои се прошируваат видовите на финансиска поддршка за технолошки развој и истражување, поддршка за инвестициони проекти од значаен економски интерес, поддршка за преземање на претпријатија во потешкотии и конкурентност на пазарот.

Со новопредложените измени и дополнувања се претставуваат и условите за рамномерен регионален развој, се проширува листата на оправдани инвестициски трошоци, и се предвидува дека корисници на финансиска помош да бидат и субјектите кои вршат дејности поврзани со наменско производство како што е производството на воена опрема.

6. Со претходно одобрување на Комисијата за заразни болести, Владата  го дополни Протоколот за активности во  установите за згрижување и воспитание на деца согласно кој во период на користење на годишни одмори на вработените (јуни-август) може да се направи спојување на деца од различни воспитни групи и тоа групи до двегодишна возраст и групи од две до десетгодишна возраст, но бројот на деца во група не смее да биде поголем од 15 деца (во групи до двегодишна возраст) и 20 деца (во групи од две до десетгодишна возраст).

ЛИНК ОД СООПШТЕНИЕТО